ЗАПОЧНА 16 ИЗДАНИЕ НА „ЛОКУМ ФЕСТ – МУЗИКА И ТРАДИЦИЈА“

 ЗАПОЧНА 16 ИЗДАНИЕ НА „ЛОКУМ ФЕСТ – МУЗИКА И ТРАДИЦИЈА“

СО КОНЦЕРТ НА „МОНИСТРА“ И „PLANTEC“ ЗАПОЧНА 16 ИЗДАНИЕ НА БАЛКАНСКИОТ ЕТНО-ФЈУЖН ФЕСТИВАЛ „ЛОКУМ ФЕСТ – МУЗИКА И ТРАДИЦИЈА“ НА БИТ ФЕСТ

Со концерт на етно групата „Монистра“ на платото пред Офицерскиот дом во Битола почна 16 издание на „Локум фест – музика и традиција 2022“, кој е дел од програмата на БИТ ФЕСТ. Фестивалот продолжи со „Плантек“ од Бретања, Франција, чија музика е спој на традиционална и електронска музика. Вечерва, на истата локација ќе биде промовиран ладино албумот „Монастир“ на американката Сара Ароесте, посветен на Битола, со музичари од Израел и Македонија. Вечерта завршува со играње и пеење на балканска музика со познатата храватско-шведско-македонска група „Афион“.

Локум фест е првата фестивалска манифестација во Македонија која својот зародиш го има во Старата битолска чаршија, како обид да се сврти вниманието кон неа. Битолската чаршија синоним за занаети, еснафи, мултикултурализам, за кафе со локум како синоним за средба. А таа со години се празни, а објектите ги јаде времето. Амбиенталната архитектура, сведок на едно време, сè повеќе се стилизира или распаѓа, а со тоа и нашата врска со минатото. Оттаму и е мотивот и идејата за фестивал кој ќе ги спои во еден концепт музиката, традицијата, креативните индустрии и културното наследство.