СО КОНЦЕРТ НА ГРУПАТА „МЕМОРИЈА“ ЗАВРШИ 14 ИЗДАНИЕ НА БИТ ФЕСТ 2022

 СО КОНЦЕРТ НА ГРУПАТА „МЕМОРИЈА“ ЗАВРШИ 14 ИЗДАНИЕ НА БИТ ФЕСТ 2022

Со концерт на групата „Меморија“, синоќа на Ракометното игралиште, заврши програмата на 14 издание на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Содржините кои беа дел од програмата, согласно целта на организацијата на БИТ ФЕСТ, дадоа концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот, креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои учествуваа на Бит Фест. На затворањето на фестивалот, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:
„Сакам да се заблагодарам на сите оние кои беа учесници на годинешниот Бит Фест 2022, во мое име, во име на луѓето од Општина Битола кои се заложија се да биде како што треба, Советот на Општина Битола, но најмногу до музичарите, уметниците и до Вас, граѓаните кои дадовте поддршка на сите манифестации. Посетеноста на настаните, од над 40.000 посетители во изминатите 77 дена е потврда за успехот кој го постигнавме, поаѓајќи од желбата да изградиме еден сосема нов концепт на битолското културно лето, токму онаков како што и доликува на Битола.
Реализиравме 140 настани од официјалната програма на БИТ ФЕСТ, меѓу кои 9 фестивали, 64 музички концерти на класична, поп, рок, џез музика, како и музика низ која се слушаше народниот мелос, 10 изложби, 25 филмски проекции, 20 театарски претстави, уметнички перформанси и други настани низ кои се промовираше културното наследство и традицијата.
Дополнително, осум фестивалски денови со фестивалот „Браќа Манаки“, Битола го славеше филмот и големите кинематографери, а градот беше еден од најважните фестивалски центри во Европа.
Имавме гости од над 15 земји од светот, но истовремено ја негувавме и промовиравме и македонската култура и традиција.
Со „Меморија“, да сочуваме уште подобри сеќавања од БИТ ФЕСТ 2022 и овогодинешното искуство нека биде наш заеднички мотив за нова успешна програма која заеднички ќе ја креираме.
Уживајте во музиката што значи љубов, зошто само така, со взаемно почитување и разбирање, преку културата, ќе ги надминеме различностите, ќе ги развиваме вредностите и ќе градиме иднина во која македонскиот идентитет, секогаш ќе живее оставајќи значаен печат во светот“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, пред почетокот на концертот на „Меморија“.
Новиот концепт кој го воведува општина Битола во организација на битолското културно лето, продолжува континуирано да се надградува, а организациските подготовки за новото издание на БИТ ФЕСТ, ќе започнат уште од следниот месец.