Битола е град кој во континуитет ги негува културните вредности, водејќи притоа голема грижа за нивна афирмација, заштита на културното наследство и креирање на нови содржини во развојниот процес на традиционалните и историски значајни настани.
Во оваа насока е и развојот на Битола како град на филмот и културата.

Културното лето во Битола има континуитет повеќе од 45 години. Започнувајќи како Хераклејски вечери, со неколку дневно траење, продолжило да ја менува својата форма и траење зависно од организацијата и финансиските средства со кои располагале организаторите. Од 2001 година Битолското културно лето продолжува да се одржува во организација на Општина Битола во соработка со националните институции и поддршка од Министерството за култура, а од 2006 година, општината комплетно ја презема организацијата на Битолското културно лето, со акроним БИТ ФЕСТ.

Низ периодот на траење од околу 3 месеци, содржинската понуда им дава широк избор на сите возрасни групи кои својот интерес можат да го пронајдат во класичната музика, филмот, театарот, ликовните и други изложби, промоцијата на традицијата, големиот број на фестивали и други концертни настапи, мултимедијални проекти и голем број други содржини…

Од 2022 година, БИТ ФЕСТ, на 14 издание Бит Фест, започнува да гради еден сосема нов концепт на културно лето.

Содржините кои се дел од програмата даваат концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот, креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои ќе земат учество на Бит Фест.

Фестивалот заслужено добива шанса да биде идентитетски силен и да претставува предизвик и за уметниците и за публиката.
Сите субјекти кои се вклучени во директна организација и реализација на фестивалот се културни работници, луѓе со висока стручна подготовка, постигнати високи резултати и големо искуство во областа на културата.