МАКЕДОНСКОТО НАУЧНО ДРУШТВО СО „КНИЖЕВНИ ВЕРТИКАЛИ“ НА БИТ ФЕСТ

 МАКЕДОНСКОТО НАУЧНО ДРУШТВО СО „КНИЖЕВНИ ВЕРТИКАЛИ“ НА БИТ ФЕСТ

Во свечената сала на Офицерски дом – КИЦ Битола, во организација на Македонското научно друштво Битола, се одржа настанот на кој беше претставен Книжевен портрет на писателите Борче Панов и Даниела Андоновска – Трајковска. За писателите зборуваа проф-д-р Златко Жоглев, м-р Елизабета Јончиќ , Весна Муднишевска Велјановска и Милица Димитријовска Радевска. Настанот беше збогатен со музичка изведба на пијано од страна на Горјана Стојановска, а модератор беше проф. д-р Билјана Граматковски.
Даниела Андоновска-Трајковска е наградувана поетеса, писателка, доктор на науки по педагогија од областа на методиките, книжевна критичарка, главен уредник на Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, била главен уредник на „Раст“, па во редакција на „Стожер“, а сега е во редакција на „Книжевни елементи“, коосновач е на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет-Битола каде што работи како универзитетска професорка, член е на Друштвото на писатели на Македонија, актуелна претседателка на Македонското научно друштво-Битола. Автор е на 18 книги на македонски јазик (поезија, проза, книжевна критика, научна литература) и 8 книги објавени на англиски, арапски, италијански, романски и полски јазик во САД, Индија, Романија, Италија, Полска и Обединети Арапски Емирати. Се занимава и со книжевен превод, а поезијата ѝ е преведена на 40 јазици и објавувана ширум светот. Добитник е на неколку книжевни награди меѓу кои и: „Крсте Чачански“ за проза (2019), Караманов 2019 за „Електронска крв“, Македонска книжевна авангарда за „Куќа на контрасти“ (2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale “Tulliola- Renato Filippelli” за “Electronic Blood” (Италија, 2021), “Città Del Galateo – Antonio De Ferrariis” (Италија, 2021 и 2023), Книжевен круг за критика за „Книжевно-критички читања“ (2022), „Дритеро Агиоли“ за поезија (Корча, 2023), „Михаи Еминеску“ за поезија, златен медал и прогласена за амбасадор на културата во Романија во 2023, „Наџи Нааман“ (2023) во Либан, „Сахито“ (2023) Бангладеш, и највисокото признание за поезија што го доделува Друштвото на писателите на Македонија „Ацо Шопов“ за „Математичка поезија“ (2020).

Борче Панов е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година. Објавил: а) поезија: „Што виде Чарли Ч. од наопаку“ (1991), „Циклонско око“ (1995), „Стоп Чарли“ (2002), „Такт“ (2006), „Гатанка од стакло“ (2008), „Базилика на ракописот“ (2010), „Заумна вечера“ (2012), „Вдах“ (2014), „Човечки тишини“ (2016), „Уханија“ (2017), „Глочка школка“ (2018), „Соба на моите временски зони“ (2021); и неколку есеи и драми: „Петто годишно време“ (2000), „Градот двојник“ (2011), „Слеп сокак среде улица“ (2002), „Хомо сапуненс“ (2004), „Фатетете го месечарот“ (2005), „Поделен од сопствениот нос“ (2006) и „Летно кино“ (2007). Има објавено и поетски книги на други јазици: „Честички од хематит“ (2016 – на македонски и бугарски јазик, објавена во Бугарија), „Вдах“ (2017 – на словенечки, објавена во Словенија), „Бричење балон“ (2018 – српски, објавена во Србија), „Фотостихеза“ 2019 – бугарски, објавена во Бугарија), „Крв што жонглира со 8000 поетски мисли“ (2021 година на хрватски, објавена во Хрватска), „Подземно јаболко“ на арапски јазик објавена во Обединетите Арапски Емирати во 2021 година од издавачката куќа Равашен и „Подземно јаболко“ на англиски јазик (превод Даниела Андоновска-Трајковска) и објавена во Холандија од Демер прес во 2021 година и како двојазично издание на македонски и англиски јазик во 2002 од Матица, „Гласови од глуварчето“ (коавтор) (Индија, 2021 година). Неговата поезија е објавена во голем број антологии, домашни и странски книжевни списанија, а неговите дела се преведени на околу 40 јазици: англиски, украински, руски, словенечки, босански, српски, хрватски, бугарски, француски, шпански, каталонски, монголски, узбекистански, албански, романски, унгарски, полски, италијански, арапски, виетнамски, кинески, дански и други. Борче Панов работи како советник за образование во Општина Радовиш, а исто така е и уметнички координатор на Меѓународниот поетски фестивал „Караманови средби“ којшто се одржува секоја година во Радовиш (првото издание на фестивалот беше во 1967 година). Добитник е на неколку книжевни награди како што се: PremioMondiale „Tulliola-Renato Filippelli“ во Италија за неговата книга „Бричење балон“ (2021), Меѓународна награда за извонредност „Град Галатео-Антонио Де Ферариис“ (Италија, Рим, 2021 година), Премио „Le Occasioni“ во Италија (меѓу 662 учесници), светската книжевна награда „Сахито“ за 2021 година (прва доделена меѓу неколку истакнати и познати автори кои имаат добиено значајни книжевни награди како што се: Нобеловата награда и Пулицеровата награда) и „Предраг Матвејевиќ“ во Хрватска за неговата книга „Бричење балон“ во конкуренција од 100 поети за дела напишани во 2018, 2019 и 2020 г.