ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ЕТНОКОРЕОЛОШКИ АСПЕКТИ НА ФЕСТИВАЛСКИТЕ СЦЕНИ“ ОД М-Р ЉУПКА СТЕФАНОВСКА

Како дел од научната програма на „Илинденски денови“ 2025, синоќа во „Кино Манаки“, беше промовирана публикацијата од областа на етнокореологијата, насловена „Етнокореолошки аспекти на фестивалските сцени“ од авторката Љупка Стефановска.
Кога фестивалската сцена станува предмет на научен интерес – се отвораат нови прашања за тоа како традицијата се гледа, изведува и разбира во современ контекст.
Ова е прва самостојна книга на м-р Љупка Стефановска, која низ стручен и аналитички пристап го истражува процесот на сценска адаптација на народните игри, нивната кореографска обработка, ритуалната и културна семантика, како и влијанието на фестивалската форма врз традицијата.
Публикацијата ја разгледува тенката линија меѓу автентичност и интерпретација, помеѓу зачувување и уметничка обработка, и претставува вреден придонес за сите што се занимаваат со фолклор, игра, културна политика и сценски уметности.
Фолклорот не е само нешто што се игра, туку како, зошто, за кого и каде се игра.
Промоцијата беше проследена со стручно излагање, осврт од рецензенти и дискусија за естетските, етичките и методолошките аспекти на сценскиот третман на народното културно наследство.











