КОНЦЕРТ ЗА КЛАРИНЕТ, ГЛАС И ПИЈАНО

 КОНЦЕРТ ЗА КЛАРИНЕТ, ГЛАС И ПИЈАНО

Вечерва во рамките на програмата на БИТ ФЕСТ, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 21.30 часот ќе се одржи концерт за кларинет, глас и пијано со Ристо Ѓоревски (кларинет), Весна Гиновска-Илкова (сопран) и Елена Атанасовска-Ивановска (пијано).
Нивната вечерашна програма ќе биде исполнета со дела од P. Шуман за кларинет и пијано, арија од операта “Gianni Schicchi” од Џ. Пучини, дела од В. А. Моцарт, А. Гргин, Б. Ковач, Ф. Шуберт и А. Пјацола.

Македонскиот сопран Весна Гиновска Илкова во изминатите две децении е водечки драмски сопран во Македонската опера и балет. Девојката со кадифен глас, која со својата харизма и силна музичка драматичност ја воодушевува публиката. За неа велат дека го има најсофистицираното пијано и специфична вокална креација по која се препознава секоја нејзина изведба и интерпретација на музичко сценско дело.

Елена Атанасовска – Ивановска е една од најуспешните и најафирмираните пијанисти во Република Македонија, која активно учествува во музичкиот живот во земјава, но и надвор од неа. Соработувала со Македонската Филхармонија како нејзин надворешен пијанист, како и со оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. Во моментов работи како доцент по корепетиција и практика на Факултетот за музичка уметност- Скопје.

Ристо Ѓоревски во своето досегашно искуство, меѓудругите значајни настапи, настапувал и со различни формации, оркестри или солистички во Австрија, Aлбанија, Србија, Словенија, Словачка,Бугарија, Полска, Босна и Херцеговина, Русија, САД, Индонезија, Израел и др. Исто така, три пати настапувал како солист со Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет, а забележителни настапи како солист има и со Московскиот државен академски симфониски оркестар во Москва 2015 г. и со Дувачкиот оркестар на Музичкиот универзитет Фредерик Шопен во Варшава, Полска 2017 г. Во 2018 заврши специјализација за изведба на кларинет на Музичкиот универзитет Шопен во Варшава, Полска и истата година на Интернационалниот фестивал Клариманиа во Вроцлав, Полска учествуваше како прв учесник од Македонија каде што се претстави со рецитал, предавање и мастерклас.