
Во рамките на годинешното издание на БИТФЕСТ 2025, Македонското научно друштво – Битола организира богата книжевна програма која ќе се одржи на 18 и 19 август 2025 година во просториите на Офицерскиот дом.
На 18 август (понеделник), со почеток од 19:30 часот, во Свечената сала на Офицерски дом ќе се одржат два книжевни портрета на истакнатите македонски писатели Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска. За нивното творештво ќе говорат:
проф. д-р Златко Жоглев,
м-р Елизабета Јончиќ,
Весна Мундишевска-Велјановска,
Милица Димитријовска-Радевска.
Следниот ден, на 19 август (вторник), со почеток од 11:00 часот, на малото плато пред Офицерскиот дом, ќе се одржи промоција на списанието за култура „Современи дијалози“, кое опфаќа теми од литературата, драмската уметност, филмот и издаваштвото, како и промоција на зборникот од претходно одржаната тркалезна маса „Женски книжевен хабитус“, двете изданија на Македонско научно друштво – Битола.
На настанот ќе следува и поетско читање, со што ќе се заокружи оваа дводневна книжевна програма во духот на современото творештво и културниот дијалог.