На 22 август – петок од 19:00 часот на Нова сцена во Центар за култура, не пропуштајте уште една волшебна вечер на БИТ ФЕСТ исполнета со смеење, енергија и талент!
Младите ѕвезди од Едукативен Центар „Едусфера“ ќе ве поведат на комично патување со претставата „Зет за Кристина“ – хит – комедија која ветува смеа за сите генерации!
Комедијата „Зет за Кристина“ е наменета за публика од сите возрасти, изобилува со комични моменти од стариот градски живот, а истовремено сатирично ги исмева стереотипните погледи на животот на поединци.
Самата динамика на репликите во текстот, досетките на ликовите и комплексноста на навидум едноставниот „проблем“ на неженетите и немажените, несомнено ќе измамат насмевки кај публиката од сите возрасти.
Во претставата се вклучени трудољубиви, вредни и талентирани тинејџери ученици во Едукативен Центар „Едусфера“. Овој пат ќе ги видиме во едно ново и навистина поинакво светло. За нив поддршката која ќе ја добијат е од големо значење. Тоа е за нив поттик да продолжат да творат со љубов, да создаваат и да го промовираат нашиот град во вистинско светло како град на културата.
Автор на текстот е Скендер Демоли, драматуршката обработка ја направи авторот Никола В. Ристевски, координатор на проектот е Ана Кузманоска.