СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА 52 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ

 СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА 52 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ

Со доделување на награди за најдобрите македонски културно уметнички друштва и со интернационалната вечер што ја приредија гости од Шпанија, Италија, Колумбија, САД, Србија и Полска, синоќа во Битола заврши 52 издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови”, кое се реализираше како дел од програмската понуда на БИТ ФЕСТ.
Фестивалот „Илинденски денови“, годинава започна на 18 јули и се одржуваше под мотото „Од корените до цветот”.
Стручно жири во кое членуваа д-р Владимир Јаневски, д-р Родна Величковска, д-р Мирјана Мирчевска, д-р Беким Рамадани и м-р Христијан Николовски, одлучи наградата за најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра да ја додели на ЖФК „Радовишанки” од Радовиш, награда за најуспешна група која презентираше староградска музика и игра доби КУД „Далги” од Охрид, оркестарот на фолклорниот ансамбл „Китка” од Истибање доби награда за најуспешен изворен состав, вокалната солистка Дијана Анастасовска членка на КУД „Илинден”- Битола е прогласена за најдобра вокалистика, додека КУД „Илинден” од Струга се наградени за ансамбл кој презентира најуспешна и најкомплетна изворна носија.
На завршната вечер и на македонски јазик се обрати Диего Мантано член на ансамблот „Франциско де Гоја” од Мадрид.
– Ви благодарам за вашето гостопримство и бидете сигурни дека од сега и понатаму секој од нас кога ќе ги насочи очите кон изгрејсонцето ќе се сети дека има една прекрасна земја Македонија со прекрасен град Битола, и каде во јули 2022 година оставивме дел од нашите срца засекогаш, истакна гостинот од Шпанија, Мантано.