ОТВОРЕНА ГОДИШНАТА ИЗЛОЖБА НА ДЛУБ

 ОТВОРЕНА ГОДИШНАТА ИЗЛОЖБА НА ДЛУБ

Вечерва, во рамките на битолското културно лето БИТ ФЕСТ, беше отворена годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Битола.

На годинашната изложба се презентирани педесет и шест дела, слики, графики (во техника сува игла и дигитална графика) и скулптура (релјеф) од четириесет и еден автор од Битола, како и од други македонски градови. Изложбата, на тој начин, доби во својата стилска разновидност и свежина што е карактеристично за делата изработени во 2021-2022 година од автори кои припаѓаат на помладите генерации, што е нормален процес на промена со текот на времето.
Стилскиот дијапазон на определувања ја опфаќа апстракцијата, знаковното сликарство и графика, разните видови пејзажи, творби со белези на надреалност и фантастика, како и неколку видови фигурација со примери на психолошки осмислено портретно сликарство.

Изложбата ќе трае до 28 јули, а може да се посети во работни денови од 9 до 16 часот, а во сабота до 14 часот.