ЗАПОЧНУВА 8 ИЗДАНИЕ НА БИТОЛА ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛ

 ЗАПОЧНУВА 8 ИЗДАНИЕ НА БИТОЛА ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛ

После двегодишна пауза, поради ковид пандемијата, вечерва започнува осмото издание на Битола Шекспир Фестивал, во рамките на програмските содржини на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Фестивалот, кој е во организација на Народен театар – Битола, годинава се одржува под мотото „Мислата е слободна“, цитат од делото „Бура“ на Шекспир. Вљубениците во театарот и почитувачите на делата на големиот автор Вилијам Шекспир, од 25 до 30 јуни, ќе можат да ги проследат изведбите на театрите од: Полска, Црна Гора, Албанија, Италија и Бугарија.

Општина Битола, продолжува со поддршка на овој фестивал, кој е од големо значење за градот и неговата промоција во светски рамки. Градоначалникот Коњановски, посакувајќи им пријатен престој во Битола на театарските екипи од другите земји, посака реализација на уште едно успешно издание на Битола Шекспир фестивалот:

„Битола Шекспир фестивалот, како манифестација која ги надминува локалните и националните граници, претставува едно од значајните обележја за високиот квалитет на битолското културно лето. Верувам дека, оваа година Народниот театар од Битола, како организатор на овој фестивал, ќе реализира богата програма, а многубројната публика, ќе ги потврди нашите заеднички желби и заложби, Битола да реализира квалитетна програма, која одговара на високото ниво на другите фестивали од Асоцијацијата на европски Шекспир фестивали. Посакувам успешен почеток на 8 издание на Битола Шекспир фестивалот, исполнети фестивалски денови, задоволна публика“, вели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Свеченото отворање на Битола Шекспир фестивалот е вечерва од 20.00 часот со Драмски театар “Александар Вегиерко”, од Бјалисток, Полска со претставата “Макбет” од В. Шекспир во режија на Грегор Суски.

Изведбата на Драмскиот театар Александар Вегиерко во Бјалисток е заснована на класичен текст, барајќи механизми кои ја одредуваат моќта, знаењето и човечкиот живот. Шарени, интересни – понекогаш дури и сурови – женски ликови играат важна улога во постановката на Магбет во Бјалисток. Лејди Макбет и Лејди Макдаф, но и ликовите на Вештерките се подеднакво важни. Тие – користејќи ја амбицијата на Макбет – го тераат да сфати дека во него е она што всушност го нема …