ЗАПОЧНУВА 5 ЈУБИЛЕЈНО ИЗДАНИЕ НА „ЏЕЗ ФАБРИКА ФЕСТИВАЛОТ“

 ЗАПОЧНУВА 5 ЈУБИЛЕЈНО ИЗДАНИЕ НА „ЏЕЗ ФАБРИКА ФЕСТИВАЛОТ“

Вечерва, како дел од БИТ ФЕСТ започнува Јубилејното петто издание на Џез фабрика фестивалот кое ќе трае до 9 јули.

„Целта за одржување на ЏФФ е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите“, вели директорот и основач на Џез фактори фестивалот професорот Сашо Поповски, кој нагласува дека петтото издание во рамките на таа долгорочна идеја за фестивалот, го надминува регионалниот карактер со учество на гости надвор од Балканот.
Џез фактори фестивалот се отвора со џез оркестар кој доаѓа од Швајцарија.

Со програмата фестивалот се доближува до програмите на европските џез фестивали во букирање на интернационални артисти кои се во зенитот на своите кариери како: FISCHERMANNS ORCHESTRA (Швајцарија), ERMANNO PANTA & BANDA ZEITUN (Шпанија), OLIVIER SAMOUILLAN (Франција), FANFARA STATION (Италија), како и македонските артисти GORDAN SPASOVSKI TRIO, SASO POPOVSKI QUARTET, ALEKSANDAR BOSHKOV QUARTET, ANTONIE VESKOVSKI, и два ДЏ сетови на ILE THE HAIR и B.BOY Јордан Николов..

Ова јубилејно издание на Џез Фабрика ќе биде збогатено и со 3 презентации и 2 работилници. Тука е македонскиот бренд Аудиокултура со главен фокус на производите на Теохаров Аудио – врвна Hi Fi техника која ќе биде презентирана во трите фестивалски денови, потоа дебата во соработка со Камаи Медиа на тема – Значењето на ИТ компаниите во креирањето на современото културно живеење во Битола. И оваа година ќе биде доделена наградата “Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2021 во соработка со Општина Битола, која оди во рацете на Александар Бошков.

Фестивалот секоја година промовира и млади музичари. Оваа година премиерно посетителите ќе имаат можност да го слушнат новиот албум “Light Pillar” на Гордан Спасовски Трио, материјалот за новиот албум на Александар Бошков и новиот материјал на Антоние Весковски – Off Ground Orchestra кој ја имаше својата премиера на сцената на Македонска Филхармонија.

*Настанот на 9 јули ќе се одржи во Народен театар – Битола.