ЗАПОЧНА 11 ИЗДАНИЕ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ДЕТСКИ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ „БИТОЛИНО“

 ЗАПОЧНА 11 ИЗДАНИЕ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ДЕТСКИ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ „БИТОЛИНО“

На програмата на битолското културно лето, синоќа на Платото пред Офицерскиот дом, започна 11 издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.
Пред многубројната публика, беа одиграни претставите „Јас Македонија“, во изведба на децата од Театарската школа Бабец од Битола и „Убавицата и ѕверот“, во изведба на „Мал театар“ од Прилеп.
Денес, дел од програмата на „Битолино“ се: куклената претставата „До месечината и назад“, во изведба на „BEER SHEVA CHILDREN AND YOUTH THEATER“ од Израел, со почеток во 11.00 часот, во 19.30 претставата за деца „Сонувачи“ ќе ја изведат децата од Театарската школа „Бабец“ под менторство на Јулијана Мирчевска, а во 20.30 гостува “UNIA THEATER NIEMOZLIWY AND DAVID ZUAZOLA“ од Полска со претставата „Робот“ направена по идеја на добриот пријател и победник на третото издание на ИДТФ „Битолино“, чилеанецот Давид Зуазола. Трите претстави ќе се одиграат на Платото пред Офицерскиот дом во Битола.
Театарот Беер Шева од Израел е формиран во 2016 година и e поддржан од Министерството за култура на Израел а се занимава со развојот на креативноста кај децата преку театар. Нивна мисија е да ја шират позитивната енергија и да ја пренесуваат креативноста и имагинацијата на децата од целиот свет. Претставата се игра на универзалниот јазик Џибриш и е збогатена со многу кукли и музика. Главниот лик во претставата Малиот човек поминува низа перипетии на својот пат до месечината и назад и успева да се избори со сé, всушност и пораката на претставата наменета за децата е дека треба да имаат големи соништа и никогаш да не се откажуваат од нив и верувајќи дека можат да ги остварат ја зголемуваат шансата еден ден навистина да им се остварат.
Втората претстава на вториот фестивалски ден на ИДТФ Битолино е претставата за деца „Сонувачи“ а ќе ја изведат децата од Театарската школа „Бабец“ под менторство на Јулијана Мирчевска. На платото на Офицерски дом малите актери ќе одиграат пет светски познати бајки кои ги поврзува и создава „нејзиното величество перницата“. Користејќи многу хумор и покажувајќи десетици начини како еден предмет, перницата, може да има многу форми и значења, со беспрекорната точност и професионализам дефинитивно претставата ќе ги освои срцата на публиката. Од многу наивни моменти кои ги содржат детските бајки напишани од Х.К.Андерсен, Перо, браќата Грим менторот Јулијана Мирчевска успеа создава една силна драматуршка целина преминувајќи од една во друга бајка без притоа публиката да има чуство дека станува збор за различни приказни, со помош на 20 перници децата ќе создадат еден магичен свет, со 20 перници ќе создадат 5 различни сценографии и безброј различни реквизити. Со претставата „Сонувачи“ Фестивалот ќе и понуди на публиката да погледне еден одличен проект за развивање на креативноста кај децата и за важноста на фантазијата при градењето на една комплетна личност.
Последна претстава за овој фестивалски ден ќе биде претставата „Робот“ направена по идеја на чилеанецот Давид Зуазола. Продукциски зад оваа претстава стои „Униа театар“ од Варшава, Полска. Давид Зуазола во последните десетина година е автор кој со своите претстави годишно настапува во просек на повеќе од 60 фестивали ширум светот и со сигурност е еден од најнаградуваните актери во Европа. Зуазола создава еден систем на креирање на претстави карактеристичен само за него, со препознатлива естетика, кукли изработени од отпадни материјали и механика која ги движи елементите на сцената. За среќа на битолската публика и покрај исполнетиот распоред Зуазола одлучи да дојде во Битола и да ни го презентира неговиот најнов производ претставата „Робот“, да ни ја презентира неговата уметничка визија за светот во кој живееме кој многупати е нетолерантет и е свет кој често не е фер кон поединци. „Робот“ е претстава со длабоко уметничко чувство, приказна која се повторува низ вековите, во претставата е насликана нашата реалност во која живееме каде што луѓето се третираат како потрошен материјал.